Демократскиот сојуз бара претседателот Стево Пендаровски „да му се заблагодари“ на Денко Малески како советник бидејќи неговите ставови длабоко го навредуваат достоинството на македонскиот народ.



„…Изјавата на г. Денко Малески, надворешен советник на претседателот на РС Македонија, во која тврди дека Македонците и Бугарите биле ист народ (бугарски) во 19 век, а апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев и преродбеникот и основоположник на македонската современа нација, Крсте Петков Мисирков, биле етнички Бугари, не води сметка за историскиот контекст во Отоманската империја и е еднострано прикажување на историската вистина, кое го застапуваат политичките и академски елити во соседна Бугарија, кои со децении го негираат постоењето на Македонците.

Дополнително, ставот на г. Малески ја минира работата на меѓусебната македонско-бугарска државна комисија за историските прашања, прејудицирајќи ги резултатите од нејзината работа за утврдувањето на историските факти, што е макотрпен и долготраен процес.

И покрај тоа што Малески, како професор и интелектуалец, има право на сопствено мислење и став за историјата, бидејќи тој во моментов има важна советодавна функција, Демократскиот сојуз го повикува претседателот Пендаровски да му се заблагодари на неговите совети, зашто таквите ставови длабоко го навредуваат достоинството на македонскиот народ.

Демократскиот сојуз верува дека спорните прашања од историјата меѓу Македонија и Бугарија, од крајот на 19 век, Првата и Втората светска војна, па се до денес, можат да се разрешат единствено во духот на меѓусебниот дијалог, и не смеат да бидат дел од политички уцени на официјална Софија за интегрирање на РС Македонија во Европската Унија. Уцените и условувањата им даваат ветар во грбот на оние политички сили во РС Македонија кои настојуваат да шират омраза кон Бугарија и бугарскиот народ, и се против добрососедството и пријателството меѓу двете земји и двата народа.

Демократскиот сојуз потсетува дека македонскиот народ и македонскиот јазик не се измислица на Коминтерната, туку продукт на долготраен историски континуитет и борба за национална, социјална и политичка слобода на Македонија и Македонците, поробени и поделени во различните завојувачки држави на соседите, царствата и големите сили низ историјата. Членството во Европската унија за Македонците е неприфатливо по цена на национално и јазично самоуништување.

Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков и мнoгу други Македонци, се бореле за Македонците и Македонија да биде самостојна и независна држава. Тој вековен стремеж е реалност и затоа имаме обврска да ја чуваме, развиваме и градиме Македонија“, се вели во реакцијата на ДС.