Триесет членови на Претставничкиот дом кои припаѓаат на левото крило на Демократската партија напишаа отворено писмо до претседателот Џо Бајден, барајќи од него да не ја исклучува можноста за директни преговори со Русија во потрага по „реална рамка за прекин на огнот “ и крај на војната во услови прифатливи за Украина, јавува руската служба на Би-Би-Си.
„Се согласуваме со ставот на администрацијата дека не е задача на Америка да врши притисок врз украинската влада за нејзините суверени одлуки.
Но, како законодавци одговорни за трошење на десетици милијарди долари од американските даночни обврзници за воена помош во овој конфликт, ние веруваме дека таквото учество во Војната, исто така, создава одговорност за САД сериозно да ги разгледаат сите можни дејства, вклучително и директен ангажман со Русија“, напишаа конгресмените.
Тие веруваат дека како поттик за ставање крај на војната, САД би можеле да понудат олеснување на санкциите за Русија.
Претходно, лидерот на републиканското малцинство во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, исто така сигнализираше дека по изборите во ноември, кога се предвидува дека републиканците ќе освојат мнозинство во Претставничкиот дом, ќе бидат многу повнимателни во распределбата на средствата за поддршка на Украина.







