Маж на 72-годишна возраст од Демир Капија, утрово пукал во 34 годишниот сосед кој живеел во станот над него, а потоа се самоубил.
Како што неофицијало се дознава, причината била претходно расправија.
„Денеска (16.5.2023), во 6.50 часот, во Полициската канцеларија Демир Капија било пријавено дека во сопствените домови со прострелни рани биле пронајдени Б. М. (34) и М. К. (72), двајцата од Демир Капија. Смрт кај двајцата констатирал лекар од Итната медицинска помош, а во координација со јавен обвинител на местото се врши увид“, соопшти МВР.
Според неофицијални информации, имало и проштално писмо оставено од човекот што го извршил убиството, па се самоубил.
Градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, потврди за МИА дека се случил немилиот настан, но не знаеше да каже детали за случајот.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци сè уште врши увид во зграда во која се пронајдени тела на две починати лица.
„Се преземаат дејствија за испитување на настанот“, информираа од Обвинителството.
Во текот на денот се очекува и официјални информации и од МВР.







