По Холандија, се јави и Данска со демант на тврдењето од бугарскиот весник „24 часа“ дека Бугарија не била осамена во противењето Европската унија да почне преговори за членство со Македонија.
„Информациите објавени во бугарските медиуми кои укажуваат на тоа дека Данска се приклучила кон ветото на Бугарија за пристапните преговори на Македонија со ЕУ не се точни. Данска ги поддржува актуелните предлози на Европската комисија во однос на преговарачката рамка со Албанија и со Македонија и тоа многу јасно го соопшти на сите форуми за преговори. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки“, наведуваат од Министерството за надворешни работи на Данска.
„Во овој поглед, Данска го поддржува почетокот на пристапните преговори со Албанија и со Македонија, откако ќе бидат исполнети условите утврдени од Советот за општи работи во март 2020 година“, се додава во реакцијата.






