Поранешниот премиер и неодамна сменет специјален претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, со став за Гоце Делчев различен од тој на македонскиот дел од Мешовитата историска комисија, според кој Македонија има споделена, а не заедничка историја со источниот сосед.



„Сум одел и порано пред споменикот на Гоце Делчев поради почитта што ја имам кон него и поради начинот на кој ние Македонците пораснавме – со митот, легендата за големиот апологет Гоце Делчев, кој е во основата на самостојноста на македонската држава. Но, од друга страна, Гоце се бореше за слободата не само на Македонија, туку и на Одринско. Тој е големиот револуционер, кој, според мене, е таа фигура што ја покажува нашата заедничка историја“, изјави Бучковски за бугарската телевизија Нова.

На прашањето од новинарот дали во Македонија се чита книгата на Пеју Јаворов „и тоа од неа дека ‘сите сме Бугари’“, професорот и бивш лидер на СДСМ со одговор: „Се чита и таму каде што вели дека сите сме Бугари, но и таму каде што вели дека Македонците, македонската земја и македонскиот род се тоа за кое тој се бори, за кое мечтае. Мечтае за слободна Македонија, мечтае за држава во држава, мечтае за политичка автономија, но мечтае и за федерација на балканските држави по нови принципи“.