По изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека не знаел за меморандумот со кој Бугарија ја убедува ЕУ дека Македонците се вештачка нација која говори вештачки јазик, реакции од Софија.
Дипломатски извори во Бугарија кои со години ја следат одблиску динамиката на бугарско – македонските односи тврдат дека македонските власти одамна биле предупредени на следните конкретни чекори од страна на владата во Софија во однос на преговорите со ЕУ вклучувајќи го и таканаречениот “Меморандум” .
Изворите како “купување време и манипулација на јавноста” ги класифицираат тврдењата на министерот Османи дека владата не знаела за документот што го поднесе Бугарија до ЕУ а во кој се бара посебно поглавје за преговорите на Македонија со унијата.
“Од март годинава кога Бугарија начелно но условено се согласи да ги поддржи преговорите на Македонија со ЕУ, во најмалку три наврати на највисоки официјални претставници на Република С. Македония им било предочено дека ќе мораат да направат компромис согласно европските стандарди и дека Бугарија нема да се согласи да загуби дел од својата историја поради нечиј историски идентитетски и јазичен инжинеринг”, стои во ставот на бугарски дипломатски извор кој инсистира на анонимност а кои сметаат дека ако владата во Скопје во март започнела соодветна кампања сега немало да дојде до влошување на односите меѓу двете држави.
Ставот за македонскиот јазик и нација како дел од политички инжинеринг стои и во оргиналниот меморандум на Софија кој е предаден во Брисел.
Од Софија се тврди дека бугарските позиции за Македонија во ЕУ и меморандумот за непостоење на македонска нација и јазик пред 1944 година му биле предочени и на премиерот Заев на последната негова средба со бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов.
На 7 септември “претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, оствари средба со амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја, Н.Е. Ангел Ангелов, кој му ја пренесе официјалната честитка по повод добивањето на вториот мандат и изборот на новата Влада посакувајќи му успешна работа во насока на обезбедување стабилност и економски просперитет на граѓаните на двете земји”, пишува во официјалното соопштение на владата издадено на еден ден пред националниот празник.
Во соопштението се вели дека премиерот Заев во разговорот со амбасадорот истакнал дека Владата во наредниот четиригодишен мандат останува посветена на стратешките цели, меѓу кои важно место зазема нашата заложба за исполнување на нашите обврски од членството во НАТО и забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија. Но соопштението не говори за било какви меморандуми или посебни барања од Софија.
Премиерот Заев и амбасадорот Ангелов тогаш, како што беше информирана јавноста дека “се согласиле дека со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се поставени одлични темели за понатамошна соработка меѓу двете земји” .
На средбата било истакнато дека “двете земји продолжуваат да ги остваруваат придобивките од заедничкото претседателство на Берлинскиот процес за Западен Балкан, во насока на олеснување и промовирање на конкретните чекори кон регионален економски развој, со цел надминување на економско-здравствената криза предизвикана од КОВИД-19, како и соработка во останатите области. Двајцата соговорници, премиерот Заев и амбасадорот Ангелов се согласија дека Северна Македонија и Република Бугарија продолжуваат со силната посветеност на зајакнување на соработката меѓу двете земји, која ќе продолжи да се развива во позитивна насока и со голема волја за решавање на сите предизвици”.
Само десетина дена подоцна Бугарија ја блокира Македонија во телото на ЕУ каде се подготвува преговарачката рамка и бара посебно поглавје за земјава кое може целосно да го блокира членството на земјава во ЕУ.






