Ракометарите на Алкалоид уште во својата прва сезона во македонската Суперлига станаа вицешампиони, совладувајќи го бранителот на титулата Вардар со 25:21 во директниот дуел и препуштајќи му го третото место на двокраниот освојувач на европската Лига на шампионите!
Втората победа сезонава над „црвено-црните“ составот на тренерот и селектор Кирил Лазаров ја најави уште во првото полувреме, во кое имаше четири гола предност, а на паузата замина со водство од 12:10.
Вардарци се заканија со пресврт кога Филип Талески израмни на 18:18 во 47. минута, но „фармацевтите“ повторно резултатски се одвоија благодарејќи на својот голман Благојче Трајкоски, поведувајќи со 21:18 и предноста не ја испуштија до крајот на мечот во полупразната сала „Јане Сандански“.
Десниот бек на гостите од Автокоманда, Мартин Серафимов, беше најефикасен поединец на средбата со 6 гола.
Алкалоид наесен ќе игра директно во групите од Лигата на Европа, а Вардар, ако добие дозвола од ЕХФ, ќе почне од квалификациите за истото натпреварување.






