Почетокот на дебатата за Договорот од Преспа која беше планирано да заврши со гласање утревечер, може да биде одложен поради најавите на опозицијата за гласање за недоверба на владата.



Причина за оваа најава на Неа демократија е одбивањето на владата да приложи официјален превод на текстот на Уставот на Македонија по усвојувањето на амандманите на 11 јануари.

Доколку гласањето за (не)довербата биде ставена на дневен ред, тоа автоматски би значело прекин на дебатата за преспанскиот договор со цел да се разговара за предлогот, оценува „Катимерини’.

Дискусијата за недоверба, според Деловникот на грчкиот парламент, би траела најмногу до три дена, поради што гласањето за Преспанскиот би се поместило за време на викендот.

Вчера, лидерот на НД, Кирјакос Мицотакис рече дека  „ ќе стори сé што може за да го спречи ратификувањето на договорот “, бидејќи е незамисливо дебатата за Преспанскиот договор да се одржи без финалниот и ревидиран текст на скопскиот устав.

„Сите пратеници ќе мора да се соочат со нивната совест и ќе одговорат пред историјата за нивните одлуки “, рече тој.

Поддршка за евентуално барање да се гласа за недоверба, веројатно  може да дадат поранешни пратеници на „Независни Грци“ помалиот коалиционен партнер кој ја напушти владата но и од партијата „Потами“.

Лидерот на „Потами“, Ставрос Теодоракис, вчера за ANT1, изјави дека ќе гласа против владата бидејќи, како што рече „јас сум ривал на Ципрас“.