Точно во финишот на португалското претседателство со Советот на ЕУ, од португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш добивме два „данајски подарока“: македонскиот јазик го нарече „северномакедонски“, и изјави дека тој некогаш бил дел од бугарскиот.
Ако Европскиот совет на самитот во Лисабон 1992 година го услови признавањето на македонската држава од ЕУ под име што не го содржи зборот Македонија, изјавите на Закаријаш навестија дека танталовите маки за името на државата, сега ќе продолжат за името на јазикот и неговата генеза.
Таа со една изјава како кула од карти урна буквално сѐ: и вербата во добрите намери на португалскиот предлог, и вербата во европските вредности. Португалскиот предлог, кој овде беше оценуван како внимателен за чувствата на двете земји, по нејзината изјава добиваме впечаток дека тој бил добар параван зад кој лагодно се одвивале (и спонзорирани) активности само во една насока – ново вето, констатира Дојче веле.
Зошто македонските власти уште вчера најжестоко не реагираа на преименувањето на македонскиот јазик во „северномакедонски’ и на политичките оценки за неговата генеза, прашува Дојче веле, а „додека премиерот Заев ја проверува автентичноста на изјавата, медиуми во соседството масовно ја преобјавуваат со триумфалистичка порака – еве ја, делот за јазикот е јасен“.







