Премиерот Димитар Ковачевски го впери прстот кон опозицијата, обвинувајќи ја за „одвлекување на вниманието од европската агенда“ и побара брзо расветлување на инцидентот во охрид во четвртокот (19.01) физички беше нападнат Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид што создаде тензија во македонско бугарските односи.



„Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации затоа што ова не е натпревар, кога играат ‘Пелистер’ или ‘Вардар’, или пак,  ‘МЗТ’ и ‘Работнички’. Ова е нашата иднина“, порача денеска премиерот, пренесе Дојче веле. 

Тој го осуди насилството и најави дека ќе се спротивстави на секоја провокација која што доаѓа од внатре и од надвор, а ги повредува чувствата на Македонците и буди немир меѓу граѓаните.

„За мене такви провокации се недозволиви“, вели Ковачевски, кој е задоволен од брзата реакција на институциите и МВР.

Премиерот се надева дека случајот наскоро ќе биде расветлен и по него ќе постапува надлежното јавно обвинителство. 

Ковачевски е дециден дека нема да дозволи „насилството да ја киднапира меѓународната и европската политика и да ја одвои државата од европскиот пат. Тој вели дека „оние што ги иницирале настаните изминатиот период не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ“.