Давитковски: Наместо за подобар живот, партиите се борат за власт, а граѓаните се сè понезадоволни

„Токму стагнацијата и назадувањето на општеството во редица клучни области како што се борбата со корупцијата, состојбата во сферата на медиумите, (не)владеењето на правото, слабиот економски развој, (не)ефикасноста на администрацијата…, можат многу лесно да се претворат во внатрешен ‘вето-потенцијал’ за македонските евроинтеграции. Ако сакаме да се доближиме до ЕУ, мора да направиме значаен исчекор во сите овие сфери, а не како досега да практикуваме антиевропски мерки и политики“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Внатрешни сопки што нѐ оддалечуваат од ЕУ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Павловска пишува: „Неодамна амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп предупреди дека Македонија е на листата на најкорумпирани земји, во друштво со Колумбија и Етиопија. Според него, државата е далеку од просекот на ЕУ, а корупцијата е навлезена длабоко во сите сфери на општеството. Според Коп, ваквата ситуација е, бидејќи не се спроведуваат законите, а политичарите ги ставаат личните интереси пред интересите на граѓаните.“

„Во земја со два милиона жители потребните реформи можеа да бидат завршени пред многу години. Кога сите главни политички чинители велат дека нивна цел е да станете земја-членка на ЕУ, зошто тогаш не се обединат да го решат ова прашање? Одговорот е во длабоко вкоренетите лични интереси и корупцијата.’ – директен е амбасадорот Јан Коп.’

„Корупцијата како слабост на македонскиот политички систем и општество, што може да ги доведе во прашање оцените за внатрешните капацитети на Македонија за придружување на европското семејство, претставува само еден конец од заплетканото клопче на домашни предизвици за членство во ЕУ. Намерата на Владата многу да ги намали субвенциите за печатените медиуми директно се коси со европските практики и начела. Односот кон медиумите е секогаш на врвот на европската агенда, како еден од клучните критериуми за членство. Европа посебно внимание посветува на печатените медиуми, на кои им дава и соодветна поддршка и помош.“

„Сопките што си ги ставаме самите однатре се опасни како и оние однадвор. Државата и политичките чинители немаат воопшто чувство за потребите на државата и често применуваат контроверзни и антиевропски мерки и политики.“

„Немаме национална стратегија, за која би се согласиле и и кон која би се придржувале партиите, било да се на власт или во опозиција. Клучните државотворни прашања досега (прашањето за името, евроинтеграциите, членството во НАТО…) беа дел од арсеналот во борбата за гола власт на партиите. Истиот таков однос на партиите го гледаме и сега во справувањето со предизвиците од последниве две-три години: реформите во правосудството, во администрацијата, во борбата со корупцијата…Смислата на сите реформи е токму подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, но граѓаните се се понезадоволни. Смислата на евроинтеграцијата на Македонија е вредностите и стандардите на ЕУ да бидат составен дел од животот на македонските граѓани.’ – вели универзитетскиот професор на Правниот факултет при УКИМ Борче Давитковски.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/vnatreshni-sopki-shto-n%d1%90-oddalechuvaat-od-eu/