„Државата системски потфрла во контролата, или намерно замижува пред неправилностите, што ги прават луѓе, кои по некоја основа, најчесто политичка, уживаат институционална заштита.“ – пишува Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Без стандарди чекориме во системски хазарди“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува: „Недозволиви се примерите на селективност при казнување заради престапите на граѓаните, било тоа да се од најситни прекршоци, па сѐ до кривични дела. Институционални двојни стандарди не смеат да постојат, на пример, „додека обичните граѓани секојдневно се соочуваат со казни од институциите дури и за најситен прекршок, истовремено истите тие институции толерираат крупни неправилности“.
„Нефункционалните институции создаваат недоверба кај граѓаните“
„Токму од тие причини довербата на граѓаните во институциите е речиси целосно изгубена. Сето тоа доведува до голема разочараност, што придонесува сè повеќе македонски граѓани да ја напуштаат својата земја и да се иселуваат во странство. Познавачите на состојбите сметаат дека трагичните настани, што ни се случуваат, покажуваат дека институциите се целосно заробени и не функционираат. ‘Имаме заробени институции. Ако кој било сопственик на ноќен клуб, дискотека, на автобуска компанија, на ординации, работи без соодветна лиценца, тоа е потврда за заробени институции, што работат во полза на партиските елити.’ – вели Борче Давитковски, универзитетски професор.“
„Институциите полни со некомпетентни и нестручни лица“
Според професорот Давитковски, причините треба да се бараат во партизираните институции, кои на овој начин работат речиси 30 години. ‘Има кафеани, дискотеки, компании и други сегменти каде што инспекциите со години не смеат да влезат. Едноставно не функционираат институциите, наполнети се со партиски војници, кои во најголем дел се некомпетентни и нестручни.’ Тој додава дека главниот проблем е што институциите работат во полза на власта, а не во полза на граѓаните.’
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/bez-standardi-chekorime-vo-sistemski-hazardi/





