Даути: „Русија нема интерес да ја окупира Украина, ќе анектира дел од неа – има големо влијание кај Словените и муслиманите“

„Русија не е заинтересирана да ја окупира Украина. Со последните постапки во Украина Русија подготвува еден дел од нејзината територија за анексија, токму како што го анектираше Крим. Во, меѓувреме, Москва ја тестира готовноста на Западот за судир. Сега се потврдува дека Западот не само што не се конфронтира воено со Русија, туку не е во состоба ниту да наметне заеднички и целосни санкции.“ – вели аналитичарот Даут Даути во својата колумна со наслов „Русија не е заинтересирана да ја окупира Украина“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.



Руското влијание

Даути пишува: „Во проблемот Украина – Русија има некои факти, кои се игнорираат често. Руското влијание врз Украина било голeмо отсекогаш. Денес околу 15 милиони жители на Украина, или 30 проценти од населението, го имаат рускиот како свој прв јазик. Рускиот јазик се користи многу и од Украинците, кои работат во бизнисот и културата. Ако се има ова предвид, тогаш проблемот станува уште појасен.“

„Руското влијание не е големо само кај Словените, туку и кај несловенското и муслиманското население. Муслиманските држави, кои се осамостоија од Советскиот сојуз, се диктаторски и имаат целосна поддршка од Путин. Азербејџан е толку поврзан со Путин, што направи договор со Србија да не ја признава независноста на Косово. Видете го случајот на Казахстан, што се случи пред еден месец. Владејачката класа на Казахстан прифати, во многу аспекти, земјата да се врати под руско владеење, за да не се демократизира. Ова е една сфера, која е далеку од силата на влијанието на Западот.“

„Овде во последно време само Турција почна да врши еден вид влијание. Но, ниту Турција нема да биде во состојба да го отстрани руското влијание. Ова е од причина, што економијата и воената моќ на Русија се многу поголеми отколку економијата и воената моќ на Турција.“

„Односите меѓу државите зависат од фактот, кој има посилна војска и кој е во состојба на користи таа војска. Така било отсекогаш и нема зошто да биде поинаку и во случајот со Украина.“ – заклучува Даут Даути во својата колумна.