„Претседателот на државата и министерот за надворешни работи треба да прогласат мораториум на преговорите, како тактички потег, и за тоа да им ја фрлат вината на Софија и на Брисел, за да размислат дали е примерено во вителни времиња ЕУ да ја толерира својата членка-Бугарија, која си поигрува со Македонија.“ – ова е предлогот, кој новинарот и колумнист Даут Даути им ја упатува на Пендаровски и Османи преку својата колумна, која ја објави весникот на албански јазик „Коха“. Во колумната Даути го изнесува и своето тврдење дека Македонската православна црква – Охридска Ахиепископија им наштетува на интересите на државата, бидејќи не искажала јасна осуда на воените дејства во Украина, туку само повик „против братоубиствената војна“.
„Договорот со Грција ги нормализира односите со Македонија, а договорот со Бугарија се претвори во фарса“
Даути пишува: „Лошо е без соседите, но уште полошо е кога ги имаш и кога ти го копаат гробот. Бугарија потпиша некаков договор за добрососедство со Македонија, но со своето однесување го докажува спротивното. Историски, Бугарија ја загуби Македонија од балканските војни. Самата Бугарија со своите непринципиелни тврдења, директно или индиректно негирајќи го македонското постоење, се повеќе ја оддалечува Македонија од себе и и помага на Србија да ја одржи својата повеќедецениска блискост со Македонија. Единствената шанса да биде конструктивна и да му помогне на соседот на патот кон ЕУ Бугарија ја користи за да го оддалечи тој сосед колку е можно повеќе…“
„Со оглед дека секогаш доаѓаат нови услови од Софија, на шефот на државата и на министерот за надворешни работи Бујар Османи би им предложил да прогласат мораториум на преговорите и за ова да им ја префрлат вината на Софија и на Брисел!. Особено на Брисел, кој на непринципиелен начин стои зад апсурдните барања на Софија и кој не врши никаков притисок врз неа. Нека размислат дали е примерено дали во овие вителни времиња да се толерира Бугарија да си игра со соседот како мачка со глушец.“
„Овој тактички потез треба да се преземе и поради тоа што овој процес опозициските сили и го припишуваат на Владата како неуспех. Договорот со Грција беше чин, кој ги нормализираше односите со неа, а не влијаеше врз идентитетските аспекти, освен лажните и ненаучните аспекти, како што е антиквизацијата, додека договорот со Бугарија, кој започна со сосема друга цел, се претвори во фарса благодарение на бугарската страна.“
„Во Синодот на МПЦ има силна струја на млади проруски владици, кои калкулираат да не се раскинат односите со црковна Москва“
„Единствениот став на Македонската православна црква во врска со ситуацијата во Украина беше пораката ‘против братоубиствената војна’, која архиепископот Стефан ја даде за Велигден, со неутрален однос кон двете страни. Но, како што вели новинарот и верски аналитичар Бранко Ѓорѓевски, ‘без да се нагласи кој е агресор, кој е жртвата, кој прави злосторства, кој убива, кој уништува не само населби, туку и верски објекти’. Според Ѓорѓевски, има две причини за ваквиот однос: едната, да не се раскинуваат односите со Руската православна црква, поради влијанието што таа го има врз православието, и втората, постоењето проруска струја во Синодот на МПЦ-ОА!“
„Калкулирањето на Македонската црква не носи никаква корист кон признавањето на автокефалноста’. – смета новинарот. Зашто, во спорот меѓу Македонската и Српската црква Руската православна црква сака решение на спорот, но е на страната на СПЦ, која ја спречува автокефалноста на МПЦ! ‘Калкулирањето да не ги раскинуваме односите со црковна Москва нема да ни користи.’ – рече Ѓорѓевски. Во Синодот на Македонската црква има силна струја на млади владици, кои се филоруски, проруски настроени и кои ставаат руски крстови во црковните згради. Во рамки на овој сооднос на силите, Синодот, дури и да го стави на дневен ред прашањето на руската агресија во Украина, нема да може да упати никакви обвинувања против таа агресија.“
„Во врска со ставот, поточно молкот кон руската агресија, Ѓорѓевски со право го споменува аспектот на интересот, затоа што ако имало такво нешто, Црквата би можела да заземе некаков став во сопствен интерес, но се чини дека овде логиката избегала од главите на владиците, бидејќи просрпските ставови на Руската црква се токму на штета на независноста на Македонската црква! На ниво на принцип или поточно хуманизам, субјект кој се поклонува на Бога мора да биде на страната на правдата и жртвата.“
„Во православниот свет црквите имаат национален атрибут, што значи дека учествуваат во обликувањето на политичките ставови на државата, или ги следат тие ставови. Македонија застана на страната на западниот свет против руската агресија, а ова двојство меѓу државната и црковната политика е на штета на интересите на земјата.“ – нагласува Даути во својата колумна.





