Даштевски: До 11 часот излезноста изнесува 14,18 oтсто, гласале 160.035 гласачи

Излезноста до 11 часот изнесува 14,18 отсто од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список за општините каде се гласа, односно на гласање излегле 160.035 гласачи, изјави на втората прес – конференција на Државната изборна комисија претседателот Александар Даштевски. Најмала е излезноста во Сарај и во Боговиње. Во неколку избирачки места имало прекини на гласањето подолги од еден час, а причината била немањето сигнал на уредите за читање на отпечаток од прст при ставањето на мемориската картичка, но проблемите се надминати, рече Даштевски.



„Прекини подолги од еден час утрово имало на избирачкото место 2867/1, на 2831 и 2815 во Скопје, потоа во Сарај на избирачките места 2433, 2435 и 2438, на избирачкото место 2652 во Карпош, во Чешиново-Облешево на избирачкото место 0887 и во Зелениково на избирачкото место број 2373, каде прекинот траел повеќе од три часа.

„Причините за прекините во Центар и Сарај се немањето на сигнал кога се ставала мемориската картичка, што се банални причини. Оние гласачи кои се вратиле дома ги повикувам да излезат на гласање, затоа што проблемите се надминати”, рече Даштевски.

Тој додаде дека во сите места во Македонија уредите за идентификација работат нормално и дека нема проблеми во гласањето, но и како што нагласи, . други технички проблеми немало никаде.

По општини, најголема е излезноста во Ранковце, 38,2 проценти, Вевчани – 31,24, Демир Капија – 30,14 отсто, Пехчево – 28,44 проценти, Конче – 26,74, Демир Хисар -25,19, Кратово – 25,12, Пробиштип – 24,75, Лозово – 23,51, Чашка – 22,73, Зелениково – 21,55, Македонска Каменица – 20,81, Росоман – 20,14, Гевгелија – 19,78, Битола – 19,56 oтсто од запишаните избирачи во Избирачкиот список итн.

Најмала е излезност во Сарај со 5,19 проценти од запишаните избирачи, како и во Боговиње со 6,8 проценти.