Дармановиќ: Црна Гора со Груевски постапи како со секој друг граѓанин

Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, изјави дека во случајот со бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски неговата земја не направила никакви повреди на дипломатските протоколи.



„Министерството во тоа немаше улога или надлежност. Во времето кога Груевски решил да бара азил и Унгарија се согласила да му даде, тој не беше на потерница, ниту Македонија укажа дека го кршел законот. Црногорските надлежни државни органи постапуваа како со секој друг граѓанин. Тој беше во друштво со дипломат и немаше никаков законски проблем да влезе или да ја напушти нашата држава“, изјави Дармановиќ на работниот појадок со новинарите по повод две години од мандатот на Владата на премиерот Душко Марковиќ.

Груевски на пат за Унгарија ја преминал границата од Албанија во Црна Гора на 11 ноември во 19:11 часот во возило на унгарската амбасада во Тирана, за албански медиуми потврдија извори од албанската Влада.