Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи во интервју за Телевизија Сител изјави дека парите од данокот на солидарност, што ќе ги опфати само компаниите кои во време на криза успеале да направат профит од над 20 милиони евра – ќе се употребат за нови антикризни мерки.



„Со овој данок опфатени се 150 компнаии а минималниот праг, според последните проценки е околу 50 милиони евра, пари што ќе се искористат за антикризни мерки, како на пример за субвенционирање на електричната енергија која што и оваа година ќе биде субвенционирана, но и за други нови мерки за поддршка на оние на кои таа им е потребна“ рече Битиќи.

Според него, овој данок ќе се донесеше и порано, но ДПМНЕ во Собранието истото го блокираше повеќе од шест месеци.

Но, против данокот се и стопанствениците:

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески порача дека Комората ќе ги искористи сите средства што и стојат на располагање за да го спречи донесувањето на Предлог-законот за данок на солидарност.

„Ќе одиме до крај зашто мислиме дека нашите аргументи се издржани и ќе ги искористиме сите средства во Парламентот, кај претседателот на државата и кај Уставниот суд…

Не смее да се извлекува теза и да се злоупотребува името на законот, бидејќи компаниите кои стојат зад нашето барање многу пати досега се докажале дека се солидарни. Покрај тоа, во барањето се потпишани и компании кои не потпаѓаат под удар на овој закон што значи дека се солидаризираат со бизнисот“,рече Азески.