Данела Арсовска формира партија, не кажа дали ќе ја предводи

Во синоќешното гостување на ТВ 21 актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, ги потврди наводите дека се подготвува да формира политичка партија.



Арсовска не одговори конкретно на прашањето дали таа би била лидер на партијата, ни дали партијата ќе учествува на престојните избори, но истакна дека сака на граѓаните да им покаже дека може и подобро и дека има голем број на граѓани што ја поддржуваат.

„Во постапка сме да им покажеме на граѓаните дека може поинаку од овие изминати 30 години кога овие две политички елити само си ги менуваат позициите, а остануваат со истите ставови и едвај чекаат да ја зафатат фотелјата и да продолжуваат да го прават истото против кое претходно кажувале дека ќе се борат. Да им укажеме на нашите граѓани дека некој може да дојде и да работи поинаку.

Се’ додека се прават работи за задоволување на индивидуалните потреби на некој од политичарите од оваа корумпирана политичка елита, нема да има напредок.

Ако можам јас сама како индивидуалец да покажам дека може поинаку, верувам дека со сите луѓе кои ме поддржуваат, а голема е бројката на тие граѓани, ќе можам да покажам многу повеќе“, изјави Арсовска во емисијата Клик плус на ТВ21.