Епидемиологот Драган Даниловски преку статус на Фејсбу апелира да не се избегнува вакцина против морбили(мали сипаници,) еден од најзаразните вируси на планетата, за да не се соочиме со нова епидемија.



Тој пишува дека едно заразено дете може да зарази други 12-18 деца.

„И покрај тоа што веќе неколку пати во медиумите имам укажувано на феноменот на ‘имунолошка амнезија’ кај морбилите, не е на одмет пак да го спомнам. Зошто? Пред сѐ, заради многу нискиот опфат со вакцинација против морбилите.

Тој се движи некаде околу 70 проценти за првата доза и околу 80 проценти за втората доза во 2021 година, според податоците на Институтот за јавно здравје. Во 2022 година, ситуацијата сигурно не е подобра“, пишува д-р Даниловски.

Според него, за да не дојде до епидемија, потребен е опфат од преку 95 проценти, зашто вирусот на морбилите е најзаразниот вирус на планетата (репродукцискиот број, R0, е 12-18, што значи дека едно заразено дете може, во просек, да зарази нови 12-18).

Во ваква ситуација, објаснува епидемиологот, доволен е еден единствен случај да навлезе однекаде, за да се соочиме со појава на епидемиско ширење.

„Целиот систем на превентивна и примарна здравствена заштита мора итно да се мобилизира и ангажира, опфатот со вакцинација на децата што побрзо да го достигне заштитното ниво од преку 95 проценти“, апелира д-р Даниловски.