Дамева и другите залутани во судството веднаш да си заминат, бара ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ се во паника и затоа партизацијата на судството зема се поголем замав. Во трас-трас судството владее корупција, непотизам и криминал, изјави пратеничката Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ.



– Од оваа говорница уште еднаш ги повикувам министерот за правда и Антикорупциската комисија да се произјаснат во врска со назначувањето на Весна Дамева, член на СДС и член на партиската комисија на СДСМ, од стручна соработничка без искуство во судење, најпрво во член на Судски Совет, а сега и негов претседател. Антикорупциската за ова не смее да молчи и мора веднаш да реагира! – изјави Панова.

Таа го повика и Јавното обвинителство да истражи кои се тие судско-бизнис елити, толку силни, коишто ја натераа претходната претседателка Црвенковска да замине од функцијата претседател на Судскиот совет, за на нејзиното место да седне Дамева.

– Дали Дамева е назначена токму од овие судско-бизнис елити? Што треба да испорача? Власта мора да одговори на овие прашања и да има одговорност. Малку им беше меѓународниот срам со изборот на првиот обвинител, сега инсталираа и партиски член, член на партиска комисија на СДСМ да го води Судскиот совет. После сите овие скандали, дури и оние 8% доверба од граѓаните им се премногу. Го претворија судството во партиски штаб во кој вдомуваат само некомпетентни партиски членови – изјави Панова.

Претходно и нејзината партија се огласи со оценка дека изборот на Весна Дамева за претседател на Судскиот совет е показател за партизирањето на судството во Македонија, кое го прави власта на СДСМ и на ДУИ. Што би рекле граѓаните „партизирањето пуштено на најјако“.

„Ваквите црпнати и насадени кадри во судството се причината зошто граѓаните немаат доверба и зошто корупцијата и криминалот на власта цветаат. Исто како и изборот на Ислам Абази така и изборот на Дамева се класичен партиско политички договор на владејачките партнери. Тие дури и запазиле во текот на изборот лицата да имаат фотографии со врвните партиски фигури од двете партии како врвна препорака за функцијата. Ова ако им е критериумот, тогаш очигледно строго го почитувале. Да биде уште потрагично за Дамева ваквата фотографија со Заев не била ништо спорно. Тоа го покажува капацитетот и моралниот интегритет на еднo лице кое од партиската правна комисија на СДСМ брзопотезно стана претседател на Судскиот совет. Ваквите залутани ликови во правосудството треба час поскоро да си заминат. Време е да понесат одговорност сите оние кои преку партиски нарачки дојдоа на функции да го штитат криминалот на власта“, се вели во во партиското соопштение.