Дали Заев ја користи „Илирида“ за да направи притисок врз ЕУ?

Прашањето од насловот на овој текст го поставуваат дел од медиумите на албански јазик.



„Премиерот Зоран Заев ги користи стравувањата од проектот на ‘Илирида’, за да изврши притисок врз официјален Брисел да ги отпочне преговорите за евроинтеграција со Македонија“ – пишува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот уреднички коментар, објавен денес.

„Интеграцијата на Македонија веројатно повторно ќе биде блокирана. Затекнат во една ваква ситуација без конкретно решение, премиерот Зоран Заев се стреми да го искористи стравот од нараснувањето на националистичкиот дух во земјата како средство за да се изврши притисок врз Брисл да ги отвори преговорите со Скопје.“ – наведува „Журнал“.

Според агенцијата, „преземени се многу дипломатски иницијативи од страна на ЕУ и од дипломати на земјите – членки на Унијата, кои како главен стремеж го имаа изнаоѓањето решение меѓу Македонија и Бугарија, што би го окончало спорот, кој ги поларизираше односите меѓу двете земји“.

Натаму, „Журнал“ тврди: „Се чини дека премиерот Заев има поподробни информации околу можноста за изнаоѓање консензус со Бугарија и за судбината на преговорите со ЕУ. Иднината на овие две прашања не е ветувачка и тоа придонесе Заев да даде изјава за зголемувањето на национализмот и на етничката напнатост во земјата и во регионот, ако Брисел не успее да даде ‘зелено светло’ на Скопје за почеток на преговорите.“

Во уредничкиот коментар агенцијата нагласува: „Неодамна Заев изјави дека со затворањето на патот за интеграција за земјите од Западен Балкан се создава поволна клима за појава на така наречените ‘нонпејпери’, кои предвидуваат промена на границите во овој регион и нараснување на националистичкиот дух. Ова претставуваше директна порака до ЕУ дека таа треба да стори се овој дел на Европа да го вклучи кон Унијата, бидејќи, во спротивно, тој ќе се дестабилизира и би претставувал директна закана и за самиот мир и за стабилноста на континентот.“

„Журнал“ истакнува: „На премиерот не му беше доволна само оваа ‘застрашувачка’ изјава кон Брисел, во која тој зборуваше за регионалната дестабилизација, ако се затвори вратата за интеграциите. За да ја засили својата порака, тој ја спомна повторно и за можноста за растежот на национализмот во земјата, кој би бил предизвикан, ако земјата повторно не успее на својот интегративен пат.“

„Зоран Заев го спомна проектот на ‘Илирида’ како една националистичка идеја, која произлезе како последица на неуспехот на Европската Унија да го интегрира регионот и што може да ги доведе во опасност интегритетот и територијалната целост на Македонија.
Тоа е пораката која Заев им ја упати на Софија и на Брисел поинтензивно и побргу да се потрудат да го интегрираат Западниот Балкан. Премиерот Заев ги користи стравувањата од нараснувањето на внатрешниот национализам како средство за вршење притисок кон ЕУ и Бугарија тие да го деблокираат колку е можно побргу интегративниот процес на Скопје“ – смета „Журнал“.

„Меѓутоа, не може да се знае колкав ефект ќе има ова во дипломатските кругови на Софија и Брисел, имајќи предвид дека истиот метод беше користен и за решавање на спорот со Грција. Тоа не успеа и земјата беше интегрирана во НАТО само по промената на уставното име. Јунскиот самит ќе ни покаже дали овој дипломатски метод на Заев имал, или не, ефект да го отвори патот кон Брисел.“ – заклучува оваа информативна агенција во својот едиторијал.