Различната диоптрија со која бугарскиот претседател гледа на граѓанските права на оние што се изјаснуваат како Бугари во Македонија и на Македонците во Бугарија, го води Румен Радев до апсурдна позиција.
Имено, со неговите тези и тврдења со кои Македонците од Бугарија, кои легитимно си ги бараат своите права, ги нарече сепаратисти, Румен Радев практично им закачи сепаратистичка етикета на целата Европска Унија и на нејзините највисоки институции. Според Радев, излегува дека сепаратистички се и Судот во Стразбур и редица други меѓународни тела и органи што досега многупати се изјаснија во полза на Македонците во Бугарија“, пишува Јасминка Павловска во колумна за Нова Македонија.
„Токму Судот од Стразбур, орган на Советот на Европа, како европска институција, од 2001 година носи пресуди (досега 16) со кои ја задолжува Бугарија да овозможи регистрација и право на здружување на нејзините граѓани што се изјаснуваат како Македонци.
Повеќе од 20 години Бугарија не спровела ниту една пресуда од Европскиот суд за човекови права, притоа уценувајќи ја Македонија, преку Договорот за добрососедство, да се откаже од каква било поддршка, дури и интерес за своите сонародници од соседството, како еден од условите за повлекување на ветото за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ.
Пресудите на Судот од Стразбур, меѓу другото, претставуваат индикативен доказ дека Македонците што живеат во Бугарија не го „измислуваат“ своето присуство таму, туку дека и ЕУ ја согледува и потврдува реалноста на нивното постоење во таа држава.
И, ЕУ преку Европскиот суд за човекови права, во барањата на Македонците за почитување на нивните граѓански права за самоопределување, себеименување и здружување не гледа никакви сепаратистички намери и тенденции.
Всушност, и самите Македонци што живеат во Бугарија, претставени преку ОМО Илинден-Пирин, во нивната реакција на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев изјавуваат дека нивната „партија никогаш не исповедала сепаратистички идеи“, како и дека „досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не се обвинети, судени или осудени за сепаратистички активности“.
Наедно, во реакцијата Македонците од Бугарија обвинуваат дека „лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, дискриминација што доведе до 16 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права“.
Целата колумна на следниот ЛИНК






