Дали власта ќе трча на избори без опозиција?

Станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема се согласи за избори во јули, особено не по зголемените бројки на новозаболени од ковид-19, вели висок функционер од партијата за „Плусинфо“.



„ВМРО-ДПМНЕ сака договор за датум за избори со консензус во интерес на здравјето на граѓаните. Ако до вчера имаше некаква шанса за приближување за датум за избори во јули, по вчерашните и денешните бројки на новозаболени, тоа е невозможно. ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата предвремените парламентарни избори да се одржат во почетокот на септември“, вели функционерот.

По ова, останува власта да реши дали без опозицијата ќе трча на избори на 21 јуни, како што инсистира СДСМ, доколку претседателот на државата утре не реши да објави четврта вонредна состојба, или на 5 јули, како што преферира ДУИ на Али Ахмети, анализира „Плусинфо“.

Неофицијално од партијата на Ахмети денес за Плусинфо велат дека се загрижени за порастот на новозаболените од ковид-19. Од таму не прецизираат дали креваат раце од предлогот за избори на 5 јули, само велат дека треба да анализираат дали новозаболените се од веќе регистрирани семејства на заболени или се нови кластери.

СДСМ остана на ставот за брзи избори, односно доколку Пендаровски утре не прогласи нова вонредна состојба, тогаш социјалдемократите повикувајќи се на Уставот и на законите велат дека изборите ќе се одржат 22 дена по прекинувањето на вонредната состојба, односно на 21 јуни.