Во Судскиот совет пристигна пресудата од Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на поранешната претседателка на Советот, Весна Дамева, информираат од Советот.
Дали Весна Дамева ќе се врати на чело на Судскиот совет ќе може да се знае откако Советот, утре, на работен состанок ќе ја разгледува и ќе расправа по пресудата на Управниот суд кој го поништи нејзиното разрешување оценувајќи го како незаконско.
Од Судскиот совет информираат дека имаат 30 дена законски рок да постапат по пресудата на Управниот суд, дека таа е конечна и никој нема право на жалба по неа.
Пресудата ќе биде разгледана утре на работен состанок, а по неа треба да се постапи во рок од 30 дена и нема право на жалба.
Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во април минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување.
По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.
Начинот на кој беше разрешена Дамева беше една од причините во јуни минатата година судиите Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимоски да си дадат оставки од членови на Судскиот совет.
На почетокот на мај 2023 година, на вонредна седница на Судскиот совет, Сашко Геориев беше избран за нов претседател на Советот, функција која што сѐ уште ја извршува.
Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста, а беше и испратена Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судот.






