Дали со развој на рударството во Македонија ќе се обезбеди повисок економски раст во државата?!

По повод 28-ми август – Денот на рударите во Македонија, министерот за економија Крешник Бектеши го честита празникот на сите рудари. „Рударите се наш бесценет човечки ресурс, а рударството е основна гранка за индустриски развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе стане основен фактор за опстанок и развој“, вели Бектеши.



Македонија има непроценливо природно богатство и затоа треба со особено внимание да се грижиме за наоѓалиштата на минерални суровини кај нас, додава тој.

Сепак, во изминатиов период се соочивме со сериозни предизвици во овој сектор особено од аспект на заштита на животната средина, што резултираше со законски измени со кои значително се зајакнува контролата над работата на концесионерите, но од друга страна пак се олеснува патот за компаниите кои сакаат да вложат во оваа индустрија и истовремено да ги почитуваат и применуваат највисоките стандарди за работа, овозможувајќи безбедност при работа на рударите кои се изложени на највисок ризик при работењето.

Министерството за економија, вели Бектеши, ќе ги продолжи планираните активности во рударството, обрнувајќи особено внимание на овој економски сегмент во насока на одржлив раст и развој, остварувајќи партнерски однос со човечкиот потенцијал кој работи во овој значаен економски сектор.

Инаку, македонскиот домашен рударски сектор директно креира 8.000 работни места, покажуваат податоците на Македонската асоцијација за рударство. Претседателот на МАР, Ивица Талевски, кој воедно е и втор човек во рудникот Саса – Македонска Каменица, вели дека сепак бројот на вкупно работно ангажирани луѓе во овој сектор е далеку поголем, со оглед на тоа што рударските компании, особено поголемите, соработуваат со голем број локални компании и добавувачи на различни видови добра и услуги.