Високите сметки за електрична енергија удираат по македонските фирми. Домашните компании полека ја губат конкурентноста на странските пазари, а се намалува и тука, во Македонија. Ако се сублимира што очекуваат како помош од владата фирмите од прехранбената индустрија, како ,,Витаминка”, од базичната индустрија, цементарница „УСЈЕ“, и од текстилната А.Д. ,,Мода”, тоа е следново. Прво, субвенционирање на цената на електричната енергија, второ, вистинско законско олеснување за брзо поставување на фотоволтаици, потоа тарифи за увезените стоки кои се произведени со субвенционирана електрична енергија, како и дозвола за увоз на алтернативно гориво и поттикнување да се изградат постројки за преработка на отпадот во Македонија, пишува порталот Само прашај.
Од овие четири мерки, инвестирањето во постројки за преработка на отпад и за добивање на алтернативно гориво, ќе значеше значителна помош во енергетскава криза. Според податоците до кои може да се дојде во Министерството за животна средина и просторно планирање, секоја година на скопската депонија „Дрисла“ гнијат 61 гигават часа (GWh) електрична енергија. Или, електрична енергија која годишно би задоволила потреби на 20.000 домаќинства.
За да биде појасно, во „Дрисла“, која е единствена легална депонија во државава, годишно се фрлаат скоро 180.000 тони отпад. Од него би можело да се искористат околу 66.000 тони, од кои би се добиле 35.000 тони алтернативно гориво. Ако ова гориво се употреби во термоцентрали, како РЕК Битола, би било доволно да се произведат 61 GWh електрична енергија или 3,2 отсто од производството на оваа централа во 2021 година.

Алтернативното гориво би заменило 285.000 тони јаглен (лигнит) кој чини просечно по 20 евра по тон од рудниците на РЕК Битола (20 евра е микс од цена од рудниците Суводол и Брод – Гнеотино, при што од едниот рудник лигнитот на влез во печката има цена од 12 евра по тон, а од другиот варира цената од 25 до 28 евра по тон, или околу 5,6 милиони евра, информации кои директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски ги соопшти на брифингот за новинари во текот на декември лани.







