Дали Преспанскиот договор беше „за инает“ на Турција?

„Дали сакаме пјРМ која е под турско влијание или пјРМ која е во пријателски односи со нас? Тоа е прашањето кое треба да го одговориме и затоа брзавме со постигнувањето на договорот. Сакаме ли ПЈРМ во која се развива словенски фундаментализам и ќе има тенденции да се појави терористичка закана за грчката Македонија на север или сакаме да ги елиминираме ваквите можности?



Сакаме ли земја која ќе се стабилизира и ќе биде поврзана со нас финансиски, географски и социјално или држава која ќе нѐ смета за непријатели и ќе бара соработка со други земји што нема да нѐ усреќи нас“, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во мега интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА, во кое ги отфрла критиките дека се избрзало со договорот од Преспа.

Оваа изјава не предизвика внимание во овдешната јавност и медиуми – приоритет беше ставен на делот во кој шефот на  грчката дипломатија саркастично констатира дека нема никој да му забрани „на момче од Скопје да ѝ каже на девојката дека е Македонец“.

„Ни велат дека сме избрзале. Условите беа зрели, условите кога се зрели значи дека треба да го направите тоа што треба да го направите“, рече Коѕијас во интервјуто за АНА-МПА.