„До кога Албанците ќе бидат сведувани на технички народ, кои како такви ќе им служат на Македонците како политички народ? Ни треба ли нам уште еден Дритан Абазовиќ во облик на Талат Џафери?“ – со овие прашања, изнесени на фејсбук, реагира Беким Ќоку, политичкиот советник на премиерот на Косово Албин Курти и официјален претставник на Ветвендосје – Самоопределување, владејачката косовска партија. Реакцијата на Ќоку е поврзана со изборот на Талат Џафери како „прв албански премиер на * Македонија“. Ќоку прави споредби меѓу Талат Џафери и доскорешниот премиер-Албанец на Црна Гора Дритан Абазовиќ.
Крајно проблематично е прашањето на Ќоку „до кога Албанците ќе бидат сведувани на технички народ, кои како такви ќе им служат на Македонците како политички народ“. Со ставови, кои имаат призвук повторно на мешање на Косово во внатрешните работи на Македонија, Беким Ќоку, или Албин Курти преку него, испраќа своевиден повик до Албанците од Македонија „да престанат да им служат на Македонците“, „да го отфрлат статусот технички народ“ и самите „да се изборат да бидат политички народ“.
Во објавата на својот фејсбук-профил официјалниот претставник на Албин Курти и Ветвендосје – Самоопределување Ќоку пишува: На албанскиот премиер Талат му е сеедно што Албанците се сметаат како народ од втор, или трет ред. Нему му се допаѓаат изгледот, претставата во јавноста. Тој наликува на поранешниот премиер-Албанец на Црна Гора Дритан Абазовиќ, кој зборува албански, но работи за Србите. Наликува дека е историски и техничкиот премиер на * Македонија Талат Џафери, кој зборува албански, но тој доаѓа од целосно корумпирана партија, со безбројни афери, која на народот на земјата му ги предизвикала сите овие штети во текот на 22-те години, додека е на власт.
Се потврди во случајот со Абазовиќ дека кога ја преземаат Албанците премиерската функција од зад сцената, тогаш тие не му служат на својот народ, туку се случува обратното. Ни треба ли нам уште еден Абазовиќ во облик на Талат Џафери? Да беше измамено Косово со позицијата претседател на поранешната Југославија, ќе беше и натаму под владеењето на Србија!





