Новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Заре Милошевски, доаѓа од секторот што му додели државјанство на прорускиот украински олигарх, Олександер Онишченко. Неофицијално, во документите на АНБ има и негов потпис како помошник-директор за безбедносни проверки и НАТО регистар. Но, според премиерот Димитар Ковачевски, неговиот избор не бил избрзан иако се очекува да се заврши истрагата и да се прецизира одговорноста.
Со овој одговор, Ковачевски навести дека на поранешниот директор Виктор Димовски, во чиј мандат Онишченко доби државјанство, можеби нема да биде испратен за амбасадор во Франција додека не заврши истрагата. Иако не ја посочи одлуката на Владата, Ковачевски рече дека прашањето за испраќање на Димовски за амбасадор во Париз зависи од Собранието и од претседателот на државата.
Во меѓувреме, во Собранието денеска се одржа продолжението на седницата во Комисијата за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање, но Димовски не се појави. Во комисијата немаше ниту претставници на АНБ.






