Дали ќе се вратат спомен-плочите за АСНОМ?

Денеска ќе се утврдува протоколот за утрешната посета на македонската државно-црковна делегација на манастирот „Свети Прохор Пчињски“, местото каде на 2-ри август 1944 се удрени темелите на македонската државност. Веста за посетата на делегацијата, која ќе биде преводена од претседателот Стево Пендаровски и пречекана од министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ, силно одекна во македонската јавност – имајќи предвид дека две децении не беше дозволено чествување на Илинден во манастирот – пишува Дојче Веле.



Иако во случајов станува збор само за „посета“, евидентно е дека нештата се менуваат, особено откако СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ – ОА. Три спомен обележја кои сведочеа дека во манастирот се одржало Првото заседание на АСНОМ, беа отстранети пред повеќе од две децении, а дали утре ќе бидат вратени или заменети со нови, како и други детали за посетата, ќе се знае во текот на денешниот ден, по средбите на службеници од двете министерства за надворешни работи. Но, и без тоа, самиот чин на враќањето во „Св. Прохор Пчињски“ на Илинден, се оценува како важен чин и чекор во меѓусоседските односи.

„Ова е значаен чин“, вели новинарот Бранко Ѓоргевски.

„Тој доаѓа по цели 18 години откако македонски претставници, беа спречени и потоа веќе не можеа да го чествуваат АСНОМ, денот кога се удрени темелите на македонската државност. Во овој момент не е најважно каква содржина ќе ја исполни посетата на манастирот и дали ќе се случи некое чествување или одбележување, иако и тоа треба да се очекува со оглед на составите на делегациите. Најважно е дека празнувањето на најзначајниот ден во поновата македонска историја почнува да се враќа на местото каде што Заседанието и се случило“, вели Ѓоргевски.

Поради влошените односи меѓу СПЦ и МПЦ-ОА во изминатите години, српската црква не дозволуваше делегација од Македонија да го чествува историскиот настан во „Св. Прохор Пчињски“, а од Српското министерство за надворешни работи доаѓаше еден ист одговор – дека не можат ниту да влијаат ниту да се мешаат во одлуката на црковните власти, бидејќи манастирот е во надлежност на СПЦ.

Целиот текст на следниот линк:

https://www.dw.com/mk/doverbata-se-vraka-dali-i-spomenplocite-za-asnom/a-62667972?maca=maz-rss-maz-pol_makedonija_timemk-4727-xml-mrss