По апсењето на Бесим Красниќи и Фадил Точи на Косово, а кои беа барани по потерница издадена од страна на Министерството за внатрешни работи за извршени тешки кривични дела, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот фејсбук профил напиша дека за нивна испорака надлежно е Министерството за правда.
„Согласно информациите со кои располагам понатамошната постапка за екстрадиција ја координира Министерството за правда“, вели Чулев и додава дека МВР и понатаму презема мерки и активности за целосно и неселективно спроведување на законот.
И Фадил Точи и Бесим Красничи (брат на Агим Красничи) се од скопското село Кондово и се осудени за повеќе кривични дела поврзани со насилство, киднапирање, изнуди и нелегално оружје. Дел од затворската казна тие веќе ја издржале, но откако почнале да користат викенди и одмори во 2017 година избегале, дознава МКД.Мк..
Тие биле во затвор се од 2008-ма година кога беа уапсени на изборниот ден во јуни поради сомневање за учество во изборни инциденти.
Агим Красничи беше дел од озлогласената кондовска група која во 2004-та и 2005-та соработуваше со повеќе осомничени насилници од Косово кои се криеја во предградието на Скопје и се закануваа дека ќе го бомбардираат.





