Дали истанбулската Аја Софија ќе стане џамија

Врховниот суд на Турција треба да „пресече“ дали Аja Софија во Истанбул може да се претвори во џамија.



Одлуката може да биде донесена денеска или во рок од 15 дена, јави државната новинска агенција „Анадолу“.

Оваа идеја која ја промовираше минатата година турскиот претседател Ердоган наиде на сериозни критики.

Вчера и американскиот државен секретар Мајк Помпео ја повика Турција да не ја пренаменува истанбулската Аја Софија и да дозволи да остане музеј.

„Ја повикуваме турската влада да продолжи да ја одржува Аја Софија како музеј, како пример за заложба за почитување на верските традиции и разновидна историја, а Република Турција да обезбеди дека таа да остане достапна за сите“, рече Помпео.

„Ни требаат ничии совети или препораки за нашите работи“, рече Нуман Куртулмус потпретседател на партијата за правда и развој на Ердоган, според кој прашањето за Аја софија е прашање на национален суверенитет, пренесе Ројтерс.

Света Софија е изградена меѓу 532-537 година по наредба на византискиот император Јустинијан Први, иповеќе од еден милениум била најголемата црква во христијанскиот свет.

По османлиското освојување на Константинопол во 1453 година од страна на султанот Мехмет Втори, таа била претворена во џамија, а во структурата биле додадени четири минариња.

Нејзиниот статус беше сменет во музеј во 1934 година и во моментот е светско наследство на УНЕСКО.