
Може ли воениот конфликт помеѓу Израел и Палестина да има импликации врз Македонија и да ја загрози безбедноста на припадниците на еврејската заедница во земјава?
На оваа тема Плусинфо разговараше со искусни експерти од сферата на безбедноста и (контра)разузнавањето, кои отворено им порачуваат на припадниците на безбедносните служби да бидат крајно внимателни, бидејќи, како што велат, секогаш постои опасност радикални исламски елементи – индивидуалци или организирани во група – да извршат терористички напади во име на некоја организација или кауза.
Безбедњаците ги советуваат разузнавачкo-безбедносните служби да преземат оперативно-разузнавачки активности во насока на заштита на еврејската заедница во земјава и на еврејските споменици и музеи, поради зголемен безбедносен ризик од евентуални насилни активности инспирирани од конфликтот во Израел.
Како што објаснуваат, голем дел од европските земји веќе активно преземаат мерки за заштита на еврејските споменици и институции, но и покрај тоа, на повеќе места во светот веќе се регистрирани и првите физички напади врз припадниците на еврејската заедница.
Претседателот Стево Пендаровски најави дека до крајот на месецов ќе свика редовна седница на Советот за безбедност, додека, пак, од Министерството за внатрешни работи (МВР) тврдат дека веќе се преземени сите мерки за превенција од евентуални терористички делувања.
Поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев во разговор за Плусинфо забележува дека нашата држава не презема никакви превентивни мерки за заштита на еврејската заедница и на еврејските споменици, иако, како што вели, повеќето европски земји веќе подолго време спијат со отворени очи.
– Треба да посветиме поголемо внимание на тоа што претставува директен безбедносен ризик во моментов, а тоа се импликациите од воениот конфликт помеѓу Израел и Хамас врз Македонија. Знаеме дека во Македонија има верски радикалисти, а и повратници од боиштето, коишто веќе имаат отслужено и затворска казна поради учество во странска војска. Се работи за луѓе со воено искуство стекнато и на боиштата во Сирија, борејќи се од страната на ИСИС. Затоа сметам дека разузнавачко-безбедносните служби заедно со министерот за внатрешни работи треба да обрнат поголемо внимание, односно да преземат оперативно-разузнавачки активности во насока на заштита на еврејската заедница во земјава и на еврејските споменици и музеи, поради зголемен безбедносен ризик од преземање насилни активности инспирирани од конфликтот во Израел. Впрочем, тоа веќе се прави во сите европски земји, каде што веќе се регистрирани и првите физички напади со последици врз припадниците на еврејската заедница – објаснува Чулев.
Очекувам дека и претседателот на државата Стево Пендаровски е информиран за опасностите, па го советувам во најбрзо време да го свика Советот за безбедност, бидејќи овој Совет не се свикува само кога веќе има одредени последици, туку се свикува и превентивно, односно консултативно, додава Чулев.
– Треба да се свика и Советот за координација на разузнавачките служби, а добро би било и верските лидери во Македонија да повикаат на она што е својствено за нас како држава – меѓуверска толеранција. Значи, потребно е да се преземе еден широк спектар на активности како од страна на општеството, така и од страна на сегментите на безбедносниот систем, бидејќи целта е да се спречи евентуален безбедносен инцидент на територија на Македонија насочен кон припадниците на еврејската заедница. Јас знам дека еврејската заедница во Македонија има испратено писмо преку коешто повикува на зголемена претпазливост, меѓутоа не гледам дека некоја институција презема нешто на терен околу ова прашање. Импактот од палестинско-израелскиот конфликт е глобален, а Македонија не е поштедена. Тоа може да се види и на социјалните мрежи. Значи, насилството сѐ уште не е излезено на улиците, ама и тоа како е присутно на социјалните мрежи – вели Чулев.
Целата анализа на Плусинфо на следниот линк:





