Уставниот суд денеска повторно треба да одлучува по иницијатива поднесена на членот 163, став 3 од Законот за банки, според кој, побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.



Иницијативата е поднесена од оштетени штедачи на Еуростандард Банка и со неа се спори законската одредба која вели дека Фондот за осигурување на депозити има предност прв да ги наплати побарувањата од пропаднатата банка.

Иницијаторите на претставката до Уставен сметаат дека тоа не е фер за тие што имале повеќе од 30.000 евра во пропаднатата банка и за фирмите.

Од Министерството за финансии упатија неколку јасни и директни пораки пред денешната седнаица, меѓу кои и дека Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплатата на побарувањата од пропадната банка затоа што, посредно, со него се одржува стабилноста на банкарскиот систем.

„Доколку со исплатата на депозитите од една банка се исцрпат средствата со кои располага ФОД, тој нема да биде во можност да ги обесштети граѓаните ако настане друг ризичен настан во друга банка или штедилница, со што се доведува во прашање сигурноста на целиот финансиски систем, како и социјалната сигурност на граѓаните. Поради ова, ФОД има предност во наплатата на побарувањата врз основа на исплатени штедни влогови, со оглед дека го штити јавниот интерес. Предноста во наплатата на побарувањата е во јавен интерес, бидејќи на тој начин се одржува стабилноста на банкарскиот систем и се обезбедува социјална сигурност на граѓаните“,велат од Министерството за финансии.

Пред неполни два месеци, уставните судии не поведоа постапка по иницијатива поднесен за истата одредба од Законот за банки.