Заменичката, Ширет Елези ќе ги преземе овластувањата и одговорностите за раководењето со Министерството за финасии, а премиерот Зоран Заев ќе ги насочува дејствата во областа на финансиите и финаниските политики, е заклучок на вчерашната седница на Владата.
Ширет Елези, има 38 години, родена е во Германија, говори 4 странски јазици и е кадар на ДУИ.
„На оваа седница беа донесени два заклучока. Првиот дека претседателот на Владата ги насочува дејствата на Владата во работите од областа на финансиите и финансиката политика и спроведување на програмските определби на Владата, согласно член 11 став 1 и став 2 и член 35 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија.
Вториот заклучок на Владата е дека констатира оти се настапени условите по член 48 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државата управа согласно кои заменикот министер за финансии ги презема сите овластувања и одговорности за раководењето на министерството за финансии, соопшти портпаролот на Владата Мухамет Хоџа.
Согласно Законот за организација и работа на органите на државата управа, заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест или други причини не е во можност да ја врши својата функција.
Поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски беше сменет при неодамнешната реконструкција на Владата.





