Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека за расчистување на аферата „Рекет“ Обвинителството треба да ја испита работата на организацијата „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13.
„Рускоска, додека се одмара, можеби се брише некој нов компјутер, се форматира некој друг телефон, се влијае врз сведоци или, уште пострашно, се рекетира нов бизнисмен. Боки 13 и Кичеец не биле сами. Тие имале поддршка од власта, а од октоподот уште многу се на слобода вклучително и главата на октоподот“, изјави портпаролот Наум Стоилковски.
Од оваа партија бараат Јавното обвинителство за конење организиран криминал и корупција да ги истражи трансакциите на невладината на Боки 13, кои, според нив, се индиција за криминал.
„Госпоѓата на која битолски градежен бизнисмен ѝ дал 720 илјади евра за идеја за изградба на станови, тврди дека сите пари ѝ ги зеле од Меѓународниот сојуз на Боки, Ременски, Костадинов. Па каде завршија тие пари?
Дали функционерите на СДСМ му помогнале на Боки да изнуди 750 илјади евра и дали после тоа му помогнале да ѝ ги земат парите на госпоѓата“, праша Стоилковски.
Во случајот „Рекет“ Обвинителството засега има двајца осомничени, Бојан Јовановски и Зоран Милески–Кичеец кои се во притвор.





