„Замислете, некој доаѓа со итна потреба на клиниката, да му рече портирот, „извинете, немаме согласност од министерот, дојдете утре“. Само тоа е причината, само дежурството“, го коментираше вчера адвокатот Мите Михајловски образложението за разрешување на директорот на Кардиохирургија Др Сашко Јовев.



„ Во решението стои дека за 2022 година има исплатни листи за дежурства, а дежурството не го одобрил министерот за здравство“ рече Михајловски.

Тоа според него е „навреда за здравјето на сите нас“. Вчера чувме на телевизија дека којзнае какви злоупотреби имало од страна на професорот Јовев. Значи, единствена причина е дежурството.

Јас како правник поставувам прашање – како може оваа клиника да нема дежурство? Не може. Значи, злоупотреба е од министерот ако не дал согласност да се организира дежурството.

Така што, апсолутно нема никаква причина за разрешување и ова од далеку се гледа дека нема повреда, туку е друго нешто во позадина, додаде Михајловски кој најави тужба.

Кардиохирургот и директор на Клиниката Сашко Јовев во 2022 дежурал повеќе во болницата, а некогаш за тоа и без да добие дозвола од тогашниот министер за здравство. Ова е причината наведека во решението за неговото разрешување од страна на актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити. Но, Јовев се сомнева дека причината е само суетата на министерот.

Министерот за здравство Фатмир Меџити за одлуката вели дека биле утврдени нерегуларности во работењето и „секаде каде ќе има злоупотреби со мене како министер ќе има и санкционирање“.

Тој порача дека нема политика во разрешувањето на директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.

„ Апсолутно не, секаде кај ќе има злоупотреби со мене како министер ќе има и санкционирање“, изјави Меџити и најави за денеска брифинг со медиуми за случајот.

На новинарско прашање врз основа на што заклучил дека професор Јовев не покажува резултати во работата, кога за 2,5 години има направено девет трансплантации, како и дали станува збор за одмазда, Меџити искоментира дека не е само професорот Јовев, ами таму има цел тим што работи за такви комплицирани операции.

„ За сѐ друго ќе има брифинг за новинарите и ќе бидете известени за сите детали“, додаде Меџити.

Др Сашко Јовев, вчера доби поддршка од негови колеги и пациенти, и рече дека Универзитетската клиника за државна кардиохирургија под негово водство, во последните осум години, „создаде ултрамодерна клиника што ги работи сите можни процедури во кардиохирургија, што се работат во најреномирани светски клиники“.

Тој додаде дека оваа земја сѐ уште има и ќе има одлични доктори, кои ја сакаат својата земја и ќе работат неуморно за своите сограѓани.

„ Ве молам да не ги бркаме и разочаруваме“, нагласи Јовев, кој е уверен дека правдата да победи.