Дали царината ќе ги поскапи и сувомесните производи?!

Откако поскапе свежото свинско месо, од март или од април се очекува да порасне цената и на сувомесните производи, ако владата не ги тргне увозните давачки, предупредуваат од месната индустрија, пренесува ПлусИнфо. Поради африканската чума производството на свежо свинско месо во земјава е намалено за повеќе од 20%, а цената на свињите на добиточните пазари порасна на 280 денари за килограм. Недостигот од овој вид месо се надополнува со увоз од Србија, а трговците велат дека секоја нова пратка има и нова цена.



Болеста најмногу удри на потегот од Штип до бугарската граница, Берово, Делчево, Штип и Карбинци. Овде се наоѓа и најголемата фарма, која задоволуваше 20 отсто од потребите на свинско месо во целата земја и затоа сега има недостиг на свежо свинско месо – изјави потпретседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов.

Преработувачите на свинско месо велат дека поради болеста и на европскиот пазар има недостиг на замрзнато месо, па цената на овој вид суровина за нив на берзите редовно расте, што влијае и на крајната цена на нивните производи.

И сега имаме состојба во која секоја нова нарачка на смрзнато месо е со повисока цена, но многу поголем недостиг на вакво месо ќе се почувствува со почетокот на туристичката сезона кога Шпанија од каде најмногу се увезува замрзнато свинско месо, ќе почне да ги снабдува тамошните туристички капацитети и ќе ги намали количините за извоз. Тоа ќе значи и повисока цена на месото на берзите, а транспортот од подалечните земји од каде што се увезува смрзнато месо дополнително ќе влијае на цената. Кај нас има уште еден проблем, односно уште една давачка која дополнително ни ги зголемува трошоците во производството, а тоа е царината на која државата инсистира, иако во земјава веќе имаме недостиг од свежо свинско месо поради случувањата со африканската чума од минатата година. Сето ова ќе влијае и на цената на нашите крајни производи – вели Благоја Бајдовски од компанијата „Екстра меин“ од Куманово.

За преработувачката месна индустрија, вели тој, е неразбирливо зошто државата ја одржува апсурдната ситуација во која го штити домашното производство на свинско месо кое не може да го задоволи домашниот пазар.

Апсурдно е што државата ги задржува царините за увоз на смрзнато свинско месо иако знае дека домашното производство на свежо свинско месо од година во година се намалува, а годинава мора да увезува вакво месо поради последиците од свинската чума. Со ваквата политика го загрозува производството на преработки од месо, а компаниите ги доведува до состојба да не можат да исплаќаат повисоки плати иако имаат недостиг на работници. За да ги помогне, државата ќе треба да ги тргне царините, но за возврат ќе добие повисоки даночни приходи, бидејќи компаниите ќе го зголемат производството, ќе примат нови работници, ќе ги зголемат платите и со тоа ќе плаќаат повисоки даноци – вели тој.

Бајдовски очекува зголемување на цените на преработките од свинско месо. Според него, владата не би требало да ги замрзнува цените на свежото и преработеното свинско месо затоа што дополнително ќе ја влоши состојбата во месната индустрија и производството на свинско месо која и сега е лоша.

Ваквите мерки се непопуларни и да траат најмалку месец или два, тие ќе бидат погубни за индустријата која мора да биде помогната кога се наоѓа во лоша состојба. Ние како преработувачи во целиот изминат период бевме одговорни и не дозволувавме да остане непродаден вишокот на произведено свежо свинско месо, но сега проблемот е поголем бидејќи се намалува ова производство. Ако продолжи болеста свинска чума можно е драстично да се зголеми и увозот на вакво месо чија цена ќе ја диктираат увозот и намаленото производство – вели Бајдовски.

И производителите на свежо месо велат дека проблемот со африканската чума во земјава мора да се надмине и бараат помош од државата да ја пребродат кризата која ги зафати од почетокот на минатата година. Лани во една од најголемите фарми во штипско-карбинскиот регион беа уништени околу 9.000 свињи поради болеста африканска свинска чума, а нови случаи на свинска чума се регистрирани од почетокот на годинава во фарма во Кумановско каде што се зафатени 600 свињи.