Вистина е дека Србија и Хрватска не се исти, бидејќи Белград не беше на страната на Адолф Хитлер и не изврши геноцид врз Евреите.
Ова го изјави српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ во одговор на говорот на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој денеска изјави дека „не е добро да се користи зборот војна во дипломатијата или во било која друга смисла” пренесе Танјуг.
Пленковиќ појасни дека Србија и Хрватска „не се исти, не биле и нема да бидат и во иднина“.
Вчера, Ивица Дачиќ предупреди дека ако Хрватите сакаат дипломатска војна, ќе ја добијат.
Пред десетина дена Хрватска му забрани на српскиот министер Александар Вулин да присуствува на комеморативна церемонија во Јасеновац за жртвите во концентрациониот логор во Втората светска војна. Белград презеде реципрочна мерка и го прогласи хрватскиот министер за персона нон грата.





