Да скапеме во доживотен затвор ако се проневери и еден денар за коридорите, вели Груби по низата критики

„Ако се проневери еден денар од овој проект или ако се корумпира било кој од нас политичарите, да скапеме доживотно во затвор.“ Вака вицепремиерот Артан Груби пред бизнисмените во Стопанската комора повторно го бранеше проектот за изградба на коридорите 8 и 10Д, кој од изборот на конзорциумот за надзор, па се до необјавувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ непрекинато ја бранува јавноста.



Со себе ги донесе половина министри од ДУИ, но и министерот Благој Бочварски, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, како и директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, за заеднички да убедуваат дека се е според законот. Но, Груби законските измени ги префрли кај пратениците, не биле барање на „Бехтел и Енка“, туку на народните избраници, откако претходно направиле консултации со колегите во Хрватска, Албанија, Косово и Романија.

Бизнисмените пак, реагираа дека оваа презентација на проектот се прави откако е потпишан договорот, наместо однапред и прашаа зошто претходно не ги консултирале, за заедно да донесат решение, овие 1.3 милијарди евра да се одлеат во домашни, наместо во странски компании.

Антикорупционерите пак, чиј мандат истекува идната година го потсетија Груби дека и тие го следат проектот уште од самиот старт и дека ќе инсистираат до крај да биде испитано и тоа како ЈПДП ги даде огласите со кои се бараат од инженери до возачи за изградбата на коридорите.

Груби кажа и дека пред да отпочне процесот за изградбата на коридорите 8 и 10Д, неколку пати се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски и потпретседателот на партијата, Александар Николовски.

На настанот присутен беше и првиот човек на стопанската комора. За разлика од вчера кога остро ја критикуваше власта и побара одговорност за неисполнетите ветувања, денеска го поздрави проектот и изрази надеж дека бенефит ќе имаат и нашите фирми.