Антикорупциската комисија веднаш да го испита потеклото на имотот на обвинителите, судиите и нивните семејства, како и да утврди можни конфликти на интереси побара премиерот Зопран Заев.



Тој, во видеопорака, рече дека судството останало последната тврдина на заробената држава, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции, кои ги нарече „Сваровски судски“ центри на моќ.

„Антикорупциската комисија, токму сега врши проверка на парите и имотот на сите членови на Владата, започнувајќи од мене. И тоа е сосема во ред. Затоа, ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш.

Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш. Извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за проверка на потеклото на имотите и парите, на обвинителите, судиите, и нивните семејства. Антикорупциската комисија треба да ги утврди и конфликтите на интереси. Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе“, рече Заев.

Тој ги повика и Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите.

Пртемиерот во име на Владата, ја повика и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил, пренесе СДК.