Да се произведе храна дома е поевтно, но само кој има услови – граѓаните во паника бараат начини како да ја истуркаат зимата

Вртоглавиот раст на цените на производите се повеќе ги тера граѓаните да произведуваат, отколку да купуваат храна, секако колку што дозволуваат условите. Тешко да се најде сирење под 350 или свинско под 400 денари, па затоа граѓаните наместо од маркет, купуваат од малите производители кои одгледуваат добиток, па поевтино купуваат канта сирење, месо и зеленчук. Граѓаните велат дека ќе се заштеди ако се посадат домати, пиперки, краставици во бавча, но само ако се има двор или поголема површина каде ќе може да успеат, зашто тоа како што се пошегуваа, не може да успее на балкон.



Ценовниот шок од ден во ден се повеќе се чувствува, се жалат граѓаните и се плашат дека не чека зима каква што не сме виделе. Дека не чека тежок период со изгор скапи цени веќе потврдија експертите. Цените на сите производи константно се зголемуваат, како да се ставени на брза лента. Граѓаните ги подготвуваат за тешка есен, и уште потешка зима, во која голем дел од македонските граѓани едвај ќе можат да скрпат крај со крај.

Во маркетите и по зелените пазари килограм домати стигна до 100 денари, компирот се продава за над 50 денари за килограм, јаболката се од 50 до 100 денари за килограм, а литрар млеко стаса од 80 до 100 денари. За килограм мелено месо граѓаните треба да одвојат од 300 до 350 денари, за свинско од 400 до 450 денари просечно, додека говедското е надмина 600 денари. Лебот, пак, чија количина во пакување производителите знаат да ја намалат, надмина 50 денари. Деновиве тешко може да се најде сирење поевтино од 350 денари за килограм. Па така, 1.000 денари се малку за дневно да се купат неколку основни производи.

Државната статистика пресмена најголемо зголемување кај цената на лебот, кој само во август поскапел за 6,4%, а за една година над 44%.

Според Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, минималната кошница во август за четиричлено семејство изнесувала 48.234 денари. Оттаму велат дека сѐ повеќе работници работат, а не можат да ги обезбедат основните прехранбени продукти.