Да се изгради национално единство против уставните промени, за кои Османи им се заканува на Македонците дека „ќе биде многу лошо, ако не поминат“!

Пишува: Свето Тоевски



Што ќе биде многу лошо, Бујаре Османи, ако не поминат уставните измени?! Што ќе се случи и со кого ќе се случи, ако не поминат уставните измени? Зошто му се закануваш на македонскиот народ?! Што ќе се случи со државата, ако не поминат уставните измени?!

„Техничка работа“ не е внесувањето на „државотворниот бугарски народ“ во Уставот, како што ви наредиле Вашингтон и Европската Унија, ниту е „техничка работа“ веднаш потоа внесувањето и на „албанскиот државотворен народ, автохтон на своите етнички простори“ во Уставот на Македонија, како што сте намислиле вашиот партиски лидер Ахмети и сите вие, сопартијци од ДУИ! Тоа вие сакате да ги фрлите Македонија и на Македонците неповратно во бездната, за да ги снема од Балканот и воопшто од светската мапа на држави и народи!

Зошто најпрвин не се бара Македонците да бидат внесени како „македонски државотворен народ“ во Уставот на Бугарија, па да имаат право да ја отцепат Пиринска Македонија?!

Едно многу логично прашање до (не)македонскиот министер за надворешни работи Османи, кој е платен со парите на Македонците, како и другите граѓани, да биде застапник првин и исклучиво на нивните државно-национални интереси: зошто ти не запнеш со иста жестина да издејствуваш најпрво Македонците да бидат внесени во Уставот на Бугарија како „македонски државотворен конститутивен народ, што живее на своите етнички простори“ – само ја копирам „албанската формула“ – со што и тие ќе имаат право да ја конституираат и да ја отцепат од Бугарија како своја државна единица нивната ионака окупирана Пиринска Македонија?!

Токму ова го бара Бугарија за својот „бугарски државотворен народ во Македонија“, токму такво отцепување на пробугарскиот државен дел – условно да го наречам „Сан Стефанија“ – од Република Македонија би се случило за релативно брзо време, ако се дозволи великобугарското преуредување на македонскиот Устав.

На денешен ден во 2004 година Република Македонија поднесе апликација за зачленување во Европската унија. Цели 19 години е во европската чекалница, а оваа иста Европска Унија отворено кажува дека нема никакви гаранции дали до 2030 година Македонија може да стане членка на ЕУ што и да се стори, па да се стават не само Бугарите, туку и Марсовците во Уставот! Зошто тогаш налудничаво „северните политичари“ тропаат ли тропаат на „портите на европскиот рај“, кои нема да се отворат за Македонија и Македонците ниту на „Куково лето“?!

А кој Македонец, што се почитува себеси, сака да споделува „европски вредности“, во кои спаѓаат сегашното отворено поддржување на фашизмот, негирањето на суверенитетите и на постоењето на националните држави на европскиот континент? Чешка, Словачка, Унгарија, Полска се токму поради сево ова во остар и директен судир со официјален Брисел!

 Сфаќаш ли, Бујаре Османи, дека ти е „невозможна мисија“ обидот да „помножиш со нула“ цел еден народ, македонскиот, од кој дури 80 отсто се искажаа дека се против какво било чепкање во Уставот? Дали си запознат, Бујаре Османи, со фактот, што никому овој исти народ македонски никогаш не му дал ниту мандат, ниту право да менува не една буква, туку ниедна точка и запирка во највисокиот правно-политички акт на македонската држава?!

Инсталирањето во Уставот на бугарската државна агенда, заснована врз мрачната санстефанско – врховистичка платформа, и на албанската државна агенда, заснована врз мрачната платформа на Велика Албанија, е план да и се зададе завршниот удар на македонската државна агенда, заснована врз светлите илинденско-асномски темели! Дали си ти свесен, Бујаре Османи, заедно со твоите колеги од ДУИ, какви потреси може ова да предизвика не само во Македонија, туку и на сиот Балкан?!

Заветот на Делчев до македонскиот народ како да постапи кон сите оние, кои Македонија ја претворија во „балкански кенеф“, во кој се олеснува секој…

Ми навира во умот заветот на Гоце Делчев:  „Да не изгрее над Македонија бугарското сонце! Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание!“...

 Да му се придружиме сите ние македонски патриоти, интелектуалци, научни работници, пратеници, политички репрезенти на народот, на повикот на големиот македонски интелектуалец Венко Андоновски, кој денес порача дека треба да бидат „вратени во дупките од кај што излегле“ сите „арамии, абдали, бесрамници, бесчесници, партиски гниди, хохштаплери, цепидржави“, сите оние што кон Македонија се однесуваат како кон „кенеф на локална автобуска станица, во кој не пуштаат вода зад себе“ сите оние, што ја претворија македонската држава во „Република во воздух, која потоа им ја препродаваат на Брисел и Вашингтон“!

Да му се придружиме на повикот на Венко Андоновски да се покрене зачмаениот македонски дух во борбата против „сите кормилари на овој брод, на кој целиот македонски народ им е слеп патник под палубата, додека на палубата тие пијат шампањско со напудрените перики – емисари, со посредници и разни други агитпропагатори“!

Да изградиме македонско национално нескршливо единство против промените на Уставот и против сите, за кои Македонија стана неважна прашинка во балканската кал!

 Андоновски ги повика сите „праведни, учени и чесни“ да се зафатат со својата задача да го напишат „Манифестот за нормалната држава Македонија“, за да им се покаже на Габриел Ескобар, на Урсула Лаен, на Оливер Вархеи и на сите министри и европски државници дека треба да ги остават на мира Македонија и Македонците и да се откажат од своите планови да господарат со нив и со нивната иднина.

Жозеп Борел и Оливер Вархеи ги повикаа Македонците на „национално единство“ за да се изгласаат уставните измени. Дејвид Гир денеска кажа слично, а еврохипнотизираниот Бојан Маричиќ и денес преку фејсбук нагласува дека „мора да се донесе уште една тешка, ама државничка одлука“! Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ќе дојде во четврток, за да „долее“ ново „гориво“ во меѓународниот „политичко-дипломатски булдожер“ за бугаризирање на македонскиот Устав.

Имаат право Борел и Вархеи дека е потребно национално единство на сиот македонски народ, но не е потребно такво какво што тие си замислуваат, туку е потребно национално македонско единство и нескршлив отпор против промените на Уставот, против сопственото укинување како македонски народ и против укинувањето на сопствената држава Македонија!

Нема да помине – No Pasarán!