(…)
Повеќе уставни експерти сметаат дека со претходните измени на Уставот на Македонија, замената на „одлуките од АСНОМ“ со „прогласот“ во текстот на преамбулата, оставен е простор за дискутабилност на државотворната улога и значење на македонскиот народ, кој и денес претставува мнозинство во државата. Во тоа се препознаваат обиди за релативизирање на фактот дека Македонија е национална држава на Македонците, односно единствена матична држава на Македонците“, пишува Јасминка Павлоска во колумна за „Нова Македонија“.
Павлоска потсетува дека настојувањето за внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, во најголемиот дел од македонската јавност се доживува како загрозување на тој државотворен статус на Македонците во Македонија, поради негирањето на официјалната бугарска политика на автохтоноста на македонското национално постоење.
„Барањето, пак, на албанските партии во Македонија за отстранување од Уставот на формулацијата ‘јазик што го говорат 20 отсто од населението’ и замена со „албанскиот јазик“, оди исто така во насока на деградација на официјалниот статус на македонскиот јазик во македонската држава.
(…)
Предизвикот на кој се нафати работната група за уставни измени е во преамбулата да го унапреди статусот на македонскиот народ, така што тој ќе биде дополнително зајакнат и издигнат на едно повисоко ниво, со што јасно би се нагласила разликата од Бугарите, за кои со францускиот предлог се инсистира да бидат внесени. Секако, тука е и притисокот на албанскиот фактор за тие „20 отсто“.
Сепак, појдовната точка во сите идеи и предлози за уставни измени треба да биде фактот дека македонскиот народ е тој што е носител на вековните стремежи и борба за своја држава, оној што успеа да го изнесе лавовскиот дел во националната, социјална и антифашистичка борба за ослободување на Македонија, се разбира со сите оние малцински етнички ентитети на кои Македонија им била и е нивна татковина.
Нам, Македонците, Македонија ни е единствена матична држава. Впрочем, независно од етничката припадност, сите граѓани на Македонија се рамноправни и со еднаков граѓански статус според Уставот и законите.
Но, ние Македонците не смееме самите да се анулираме како носители на националниот унитарен државен ентитет што самите сме си го создале, а сме отвориле широки порти (права) за сите што сакаат да живеат заедно со нас во заедничка држава, вели Павловска.







