Да можат и еден врз друг ќе прескокнат – само во Скопје хаос за лични документи

Редици граѓани од раните утрински часови нервозно чекаат за промена на личните документи на единствениот пункт во главниот град во полициската станица „Пролет“ во Општина Кисела Вода, каде оваа услуга можете да ја добиете и без закажан термин, објави РСЕ. Доколку пак сега се јавите да закажете термин за промена на патната исправа, личната карта и возачката дозвола со новото уставно име на државата – „Република Северна Македонија“, првиот слободен термин ќе го добиете дури на лето, па поради ова голем број граѓани од Скопје брзаат да фатат ред на овој пункт, а таму се создаваат огромни гужви.



„Дојдов рано наутро, некаде пред 8 часот, но кога видов колку луѓе има се исплашив, па отидов до полициската станица „БЕКО“ за да ги земам документите што треба да се пополнат за да поднесам за промена на личната карта. Овде сите брзаат, јас сум стара, не гледам добро, не можам толку брзо да пополнам, па знам дека сите ќе викаат по мене. Еве сега се вратив, има уште поголема гужва, но ќе почекам немам друг избор“, раскажува за РСЕ Стојка Митрева, повозрасна граѓанка од Скопје, која беше една од многуте кои ги затекнавме како со часови чекаат пред пунктот.

Редот оди бавно, а доколку за момент се оддалечите, веднаш ќе ви го земат и потоа морате да се вратите назад.

„Ми ѕвонеше телефонот, за кратко се тргнав на страна, веднаш уште десетици луѓе застанаа на моето место. Со народ не можеш да се разбереш. Не можеме да дојдеме на ред ниту да земеме листови за пополнување, а камоли пак да се сликаме“, вели друг граѓанин со кој разговаравме.

Во Скопје друг ваков пункт нема, а овде во полициската станица „Пролет“ се работи и за викенди и за празници, со цел сите граѓани да бидат опслужени, но гужвите не се намалуваат.