Пишува: м-р Свето Тоевски
„Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи да му остане верен на духот на своите прадедовци и да почитува сè што тие имаат направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух. … Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто како што е наша татковината. Ние имаме право, освен долгот, да го браниме нашиот јазик и тоа право ни е свето. Секој што го напаѓа нашиот јазик е наш непријател.“ – Крсте Мисирков, „За македонцките работи“, 1903
Нека не биде 21 февруари ден само на лицемерно и празно споменување за „личноста“ и „милозвучноста“ на мајчиниот македонски јазик
Денес е 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, но нека не биде тоа ден на наше празно пагалско повторување колку ни е личен и милозвучен мајчиниот македонски јазик, а не преземајќи ништо да го чуваме и да го развиваме! Нека не биде овој 21 февруари ден на лицемерие кон мајчиниот мајчин јазик, колку многу го сакаме, а, всушност, запоставувајќи го секој ден на секој чекор! Нашите претци, од кои сме го восприемиле овој јазик, ѕиркаат од секој негов збор, што го кажуваме, и се лутат, тие се вчудовидени како ние го осакатуваме македонскиот јазик! Нашите претци се огорчени кон нас како можеме да дозволуваме некои бедни политичари дома и во „доброто соседство“ да ни го множат со нула јазикот, кој е столбот на нашиот идентитет!
Во пораката по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари во 2009 година тогашниот генерален директор на УНЕСКО Коичиро Мацура многу јасно ги имаше повикано „владите да преземат мерки за обезбедување усогласен и плоден соживот на јазиците во секоја држава, како во формалните, така и во неформалните образовни системи“, нагласувајќи дека „јазикот е суштинскиот дел на идентитетот“.
Колку оваа Влада на „северна“ презела мерки за обезбедување „усогласен соживот“ на јазиците во Македонија? Каков „соживот“, каква и колкава употреба на македонскиот јазик постои како единствен државен јазик на целата територија на Македонија кога Законот за јазиците ја форсира употребата на албанскиот јазик на целата територија и во меѓународната комуникација, а македонскиот јазик речиси воопшто го нема во западниот дел на државата? Сведок сум на многукратни примери на разбирање меѓу ученици и граѓани од албанска и македонска етничка припадност само на англиски јазик, бидејќи македонскиот јазик ја губи се повеќе својата улога како официјален јазик и како обединувачки, кохезивен чинител во македонското повеќејазично општество.
Правото Македонците да се изразуваат на мајчиниот македонски јазик е општо човеково право, но во Бугарија и Грција се гази тоа
Денес по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик Катрин Севалд од Европскиот центар за современи јазици на Советот за Европа порачува: „Нашиот мајчин јазик или прв јазик е дел од нашиот идентитет, а нашето право да се изразуваме на тој јазик е човеково право. Употребата на првите јазици на учениците ги зајакнува нивните културни и јазични идентитети.“ Но, еден од втемелувачите на македонизмот Крсте Мисирков уште пред 120 години јасно укажа дека „јазикот е душата на еден народ“ во своето знаменито дело „За македонцките работи“.
Дали воопшто оваа Влада на „северна“ презела какви било мерки за заштита и развој на мајчиниот македонски јазик како „суштински дел од идентитетот“, како „душа на македонскиот народ“? Бугарија тврди дека македонскиот јазик е „дијалектна норма на бугарскиот јазик“, оти настанал во 1944 година, Грција им го забранува основното човеково право на македонските ученици да се образуваат на својот мајчин јазик, не дозволува ниту формирање Центар за учење македонски преку интернет, а на сево ова Владата на „северна“ не само што молчи, туку и толерантно го помага! Уште повеќе: оваа Влада сè прави на подмолен начин да ги уништи македонскиот идентитет и македонскиот јазик со „реформите“, кои започна да ги спроведува во наставата за историја и македонски јазик во образованието во Македонија.
Во својата порака по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари 2023 година Одри Азулеј, генералната директорка на УНЕСКО, истакнува: „Образованието засновано врз мајчиниот јазик има суштинско значење за севкупниот развој на поединците и за пренос на јазичното наследство.“ УНЕСКО препорачува, Грција игнорира и гази! Меѓународните јазични експерти предупредуваат дека во Егејска Македонија учениците-Македонци го губат сè повеќе контактот со јазичното наследство на македонскиот јазик, немајќи право да учат на јазикот на своите татковци и дедовци. Македонските деца во Грција ја мешаат македонската со грчката граматика, во нивниот секојдневен говор грчката лексика и зборови ги поттиснуваат македонската лексика и зборови.
Не е само тоа: Преспанскиот договор се стреми и да го распарчи единствениот дијалектен систем на македонскиот јазик, вештачки раздвојувајќи ги македонските дијалекти во Егејска Македонија од матицата на македонскиот јазик. Овој „добрососедски договор“ го сведува македонскиот јазик дека постои само на територијата на Република Македонија, а оти во Грција нема македонски јазик, ниту родени македонски говорители на тој јазик.
Најчудовишната последица од „Бугарскиот“ и „Преспанскиот договор“ е создавањето на така наречените „северномакедонски идентитет“ и „северномакедонски јазик“ – термини кои се шират и се користат сè повеќе во меѓународната комуникација. Денес, на Меѓународниот ден на мојот мајчин јазик уште еднаш гласно и јасно ќе ги повикам сите македонски партии: сторете сè во најбрз рок да ги уништите и „Бугарскиот“ и „Преспанскиот договор“, за да може нашата „јазична душа“ и македонскиот идентитет – столбот на нашето колективно македонско идентификување и самопределување – да се ослободат од смртоносните пранги!
Да ја креваме на многу повисоко рамниште јазичната свест за правилната употреба на македонскиот јазик и за неговата оптимална чистота
Но, мајчиниот македонски јазик можеме и мораме и самите ние да го чуваме во татковината, дома, во секоја пригода, со практичната употреба на чистиот македонски збор, кревајќи ги на многу повисоко рамниште нашата јазична свест и култура. Порака до секој роден говорител на македонскиот јазик, особено научниците, новинарите, политичарите и јавните личности: не користете „наратив“, туку поглед, став, мислење, не користете „имплементација“ туку спроведување, примена, не користете „теретана“, туку вежбалница, не користете „инклузија“ и „инклузивно“, туку вклучување, опфаќање, сестрано. Има огромен број други странски зборови и изрази, кои го „загадуваат“ македонскиот јазик до смисла на губење на смислата и на неразбирање што се сака да се каже, кога тие ќе се употребуваат. На сето тоа мора да се внимава многу во секојдневната употреба на македонскиот јазик.
Не користете „доколку“ за условност туку само ако, бидејќи доколку е преведен србизам од уколико, што не изразува никаква условност во македонскиот јазик, тоа уште во своето време професорката Лилјана Минова-Ѓуркова го нагласуваше. Блаже Конески многупати повикуваше на употребата на изворните македонски зборови и на градењето нови зборови најпрвин со примена на внатрешните зборообразувачки способности, што ги има македонскиот јазик, со крепење предимно врз народната лексика.
Да ја чуваме во оптимална мера чистотата на својот мајчин јазик, чувајќи ги отворени неговите врати за секое потребно и оправдано зборовно влијание и збогатување од надвор, но секогаш придржувајќи се на предупредувањето на мудриот Махатма Ганди, кој, спротивставувајќи се на самоизолацијата, рекол: „Не сакам мојата куќа да биде заѕидана од сите страни и моите прозорци да бидат затворени. Сакам културите на сите земји да се шират низ мојата куќа колку што е можно послободно. Но одбивам ветриштата да ја разурнат оваа моја куќа.“
Така и ние, Македонците мораме својата „јазична куќа“ – својот мајчин јазик да го отвораме за влијанијата од другите јазици и култури колку што е можно послободно, во оптимална мера за да не попаднеме во самоизолација, но мораме и да спречиме „санстефанските“ и „преспанските ветришта“ да ни ја разурнат нашата „куќа“ до крај. Меѓутоа, најпрвин мораме да ја возбновиме својата „македонска национална куќа“, во која нашите прапретци живееле и зборувале слободно од искона – нашата Македонија.





