Владата пред неколку дена објави сет од 26 мерки со кои е планирано да им се помогне на граѓаните и на компаниите за полесно да се справат со големата економска криза во која се наоѓа земјата, но ниту една од нив не беше насочена за општините. Локалните власти во последно време постојано потенцираат дека се соочуваат со големи проблеми и бараат финансиска помош од Владата, особено за намалените дотации и трансфери, но од Илинденска број 2 како да немаат слух за нивните барања.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски за Плусинфо вели дека според нивната проценка, поради здравствената, економската, енергетската и сега безбедносната криза, очекуваат нивниот буџет да биде ослабнат за еден милион евра.
– Станува збор за многу сериозна сума и очекуваме да имаме тешкотии во работењето. Паралелно со тоа се соочуваме со големи проблеми поврзани со дотациите и трансферите од страна на централната власт. Значително се намалени дотациите во делот на образованието, а исто така и кај градинките, но нашиот пристап е дека и покрај сите предизвици со кои се соочуваме како општина мораме да работиме фокусирано на решавање на проблемите на граѓаните – ни изјави Муцунски.
Тој потенцира дека за разлика од Владата, тие уште од првиот момент антиципирале дека со ваков проблем ќе се соочат, па поради тоа се преземени мерки за максимално искористување на општинскиот буџет. Муцунски додава дека се скратени сите дополнителни непродуктивни трошоци кои биле користени од претходната власт.
– Кај граѓаните не проаѓа тоа, дека немате средства, затоа што тоа нема тежина, затоа што тие очекуваат тоа што сме го ветиле во кампања и да го реализираме. Можам јас постојано да кажувам на прес-конференции колку ни се скратени дотации и трансферите, родителите кога ќе ги однесат децата во градинка или на училиште, не очекуваат иста туку поквалитетна услуга. И покрај сите предизвици со коишто се соочуваме, ние ќе продолжиме да работиме во интерес на граѓаните – рече градоначалникот на Аеродром.
Муцунски истакнува дека кризата ќе има сериозни последици врз локалната самоуправа, но смета дека доколку мнозинството градоначалници беа од владејачката партија, во пакетот анти-кризни мерки кои ги претстави Владата пред некој ден, со сигурност ќе имаше и некоја мерка која ќе се однесуваше на општините.
Целиот текст на следниот линк:
https://plusinfo.mk/shto-ako-pove-eto-opshtini-bea-na-sdsm-mucunski-a-predizvika-ob-ektivnosta-na-vladata/





