Портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ, вели дека иако има зголемен број на новозаразени случаи со ковид-19, сепак земјата е се` уште во зелена зона, а тоа се должи на малиот број хоспитализации, околу 80 во цела држава.



Најголем притисок од ковид-пациенти во моментот чувствуваат матичните лекари и со цел да им се помогне, а да се создадат и услови за побрза дијагностика и третман, во Скопје ќе се отворат пет ковид амбуланти.

„Ковид амбулантите ќе бидат сместени во просториите на Здравствен дом Скопје и тоа во петте поголеми поликлиники во Идадија, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Ченто и Чаир. Со вака дисперзирани амбуланти ќе биде покриена цела територија на Скопје и граѓаните ќе можат најблиску до местото на живеење да добијат дијагностика и третман за ковид-19. Услугите ќе бидат подостапни. Работиме и на тоа да обезбедиме опрема, персонал и кадар за останатите градови“, рече Мехмедовиќ, пренесува СДК

Во амбулантите ќе работат матични лекари со ротација, а не е дискутирано дали тоа дополнително ќе им се плати, но лекарите досега тоа не го побарале. Во амбулантите ќе се прават и брзи антигенски тестови. Ќе работат двосменски од 7,30 до 19,30 часот.