Д-р Јовев добил 2 понуди за работа, но засега …

Разрешениот директор на Кардиохирургија д-р Сашко Јовев вели дека добил понуди од две клиники надвор од државата од луѓе кои, рече, му се многу блиски и кои „гледаат и знаат што се случува“.



Но, уверува дека и по неговото разрешување од директорската функција Клиниката останува функционална и дека со тимот се договорил засега да останат во служба на граѓаните за, како што рече, да не прават поголеми проблеми.

„Решивме клиниката сега засега да функционира како и досега. Се договоривме меѓу нас дека ќе останеме во служба на граѓаните, дека не треба да правиме поголеми проблеми и се договоривме тоа да оди понатаму, ќе видиме како ќе се развива“, рече д-р Јовев во гостување во Дневникот на ТВ Сител.

Кои ќе бидат неговите следни чекори, рече дека со правниот тим ќе одлучат викендов.

„Има моменти кога одиме агресивно, има моменти кога гледаме што побенигно да ја решиме ситуацијата. Тоа ќе го решат правниците, затоа што тоа е нивна работа. Иако како хирург сум борбен и нашата клиника е единствена и се бори и напредува, мислам дека имаше доста недоречености и недоразбирања и не сакам, како што се вели да одиме на нож, туку да го решиме проблемот како што треба“, рече д-р Јовев.