Центарот за управување со кризи соопшти дека професори од Градежен факултет вчера излегоа на терен и извршија увид на состојбата со железничкиот мост на Црна Река, на линијата Гевгелија – Велес, поточно помеѓу железничките станици Кукуричани – Градско (во близина на Стоби) поради што во прекин е транспортниот, а патничкит сообраќај се врши со „премостување“ – со автобуски превоз.
Се работи за напукнат бетонски столб на мостот.
Професорите кои извршиле увид на мостот потоа биле на состанок во ЈП „Македонски железници“ се со цел да се изнајде решение за санација на мостот и мерки и активности кои што треба да се превземат во меѓувреме, информира ЦУК.
Оштетувањето на еден од двата столба на железничкиот мост на реката Црна, кај Стоби, било констатирано од машиновозачот на товарниот воз од Гевгелија за Скопје, дознава СДК.
Тој случајот го пријавил во ЈП Македонски железници (МЖ)-Инфраструктура, од каде веднаш упатиле екипа и констатирале дека не е безбеден за натамошно користење.








